СЕРДАРОТ -ГРИГОР ПРЛИЧЕВ
Сердарот е најпознатото дело на македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев. Григор Прличев (1830/31-1893) е роден во Охрид, во сиромашно семејство. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семјството паднала врз мајка му.Во основа, во „Сердарот“ се раскажува за смртта на македонскиот херој Кузман кој ги заштитувал селаните од бандите на Гегите. Дејството во оваа поема се случува кон средината на 19 век, век во западна Македонија.
Неда е централен лик во поемата. Таа е мајка на јунакот, но и самата јунак. Таа е храбра – гордо ја поднесува смртта на синот, бестрашно им се спротивставува на непријателите, подготвена е и самата да се бори и да ја поведе борбата – да стане водач. Јасно е изразена нејзината решителност и чесност. Но, освен овие возвишени атрибути, таа е сепак мајка, чувствителна, која безмерно го љуби своето единствено дете. Нејзиниот крик и плач е мајчин, зашто нема ништо пострашно од смртта на детето. Но, и во таа болка Неда не мисли само на себе, туку и на целиот нејзин народ кој останал незаштитен и кој треба да преземе дел од таа болка.Во ликот на Неда, Прличев го насликал и ликот на својата мајка кон која чувствувал голема љубов и почит.
Кузман е загинат уште на почотокот од поемата, затоа за него дознаваме преку раскажувањата на другите ликови, ретроспективно (преку навраќања). Тој е олицетворение на возвишено јунаштво кое е почитувано дури и од непријателот. Силен и храбар во борбите со него. Тој е заштитник на народот и својот живот го жртвува за доброто на сите. И кај него се гледаат обичните човечки особини како – љубовта и почитта кон мајката, како и љубовта кон девојката Марија со која сакал да го минува животот и да создаде семејство.
Гегите во поемата не се негативни ликови. Тие се непријатели – пљачкаши, немилосрдни, убијци, но и тие ги носат возвишените атрибути на чесност – носејќи го со сите почести мртвото тело на Кузман во домот на Неда, ризикувајќи да бидат убиени од гневното и желно за одмазда население. Тие и самите борци, имаат респект кон борецот, така ја покажуваат својата човечност. Особено се истакнува стариот Албанец, со својата мудрост и желба да ја утеши ужалената мајка, величајќи го неговиот смртен непријател.
Поемата е од огромно значење за македонската литературна историја, затоа што таа е совршено напишана.Во неа има богатство од стилско-изразни средства преку кои се отсликува драматиката на настанот.