Monday, May 7, 2018

Антигона

Својата трагедија Антигона ја носи во крвта. Трагедијата на татко ѝ Едип се пренесува на целото семејство – па и на неа. Родена во грев, ќерка на родители – мајка и син, таа не може да има среќна судбина.

              Но, сепак, тоа не е нејзината најголема трагедија. Таа е толку чесна, достоинствена, горда и посветена, што не може да дозволи нејзиниот брат, па каква и да му била вината, да го остави непогребан. Според неа, двајцата браќа што се убиле меѓусебно за превласт, се еднакво виновни и еднакво – браќа. Не сака да дозволи едниот да биде величан, а другиот фрлен на мршојадците. За неа тоа не е правдина. А за нејзината правдина, најголемата смелост е што го жртвува животот. Свесно останува безбрачна и бездетна, свесно ја жртвува својата среќа која не ја остварува со свршеникот Хемон – само за да ја зачува честа на семејството и до крај да ја искаже сестринската љубов и почит.
За неа тука завршува сѐ. И нејзините желби, и нејзините копнежи, и љубовта кон свршеникот, и заповедта на кралот. Ништо нема значење. Само зачувувањето на достоинството, свое и на братот. Непоколеблива е во одлуката дури и кога сестра ѝ Исмена смета дека е лудо да се жртвува животот за тоа, непоколеблива е и кога таа со ништо не сака да ѝ помогне. Напротив, ја разбира сестрината желба за живот и среќа.
              Антигона е еден од најцврстите и најпожртвувани карактери опишани во светската литература. Жена во сите нејзини особини, свесна за второстепената и подредена улога во општеството, но поцврста од маж во одлуките и подостоинствена од сите нив.

,,Вујко Вања''- А.П. Чехов

              Драмата е приказна за едно имашливо руско семејство, кое живее на селскиот имот. Професорот Серебрјаков е женет за многу помладата Елена Андреевна, во која се заљубени и вујкото Вања, како и месниот доктор Астров.
              Љубовниот заплет го чини Соња, која е силно вљубена во докторот Астров. Освен љубовните интриги, во фамилијата постојат сериозни меѓусебни недоразбирања и нетрпеливост. Вања постојано се жали на своеволниот карактер на Серебрјаков и на неговата безобѕирност кон останатите членови од семејството. Од друга страна, пак, Серебрјаков планирал да ја продаде селската куќа, што ќе повлече бран на незадоволство кај најблиските.             
             Дејството кулминира кога вујко Вања со пиштол ќе посегне по животот на Серебрјаков, што ќе резултира со заминување на професорот и неговата сопруга од куќата. По тој невообичаен настан, работите си се вратиле по стариот тек.