Monday, May 7, 2018

Антигона

Својата трагедија Антигона ја носи во крвта. Трагедијата на татко ѝ Едип се пренесува на целото семејство – па и на неа. Родена во грев, ќерка на родители – мајка и син, таа не може да има среќна судбина.

              Но, сепак, тоа не е нејзината најголема трагедија. Таа е толку чесна, достоинствена, горда и посветена, што не може да дозволи нејзиниот брат, па каква и да му била вината, да го остави непогребан. Според неа, двајцата браќа што се убиле меѓусебно за превласт, се еднакво виновни и еднакво – браќа. Не сака да дозволи едниот да биде величан, а другиот фрлен на мршојадците. За неа тоа не е правдина. А за нејзината правдина, најголемата смелост е што го жртвува животот. Свесно останува безбрачна и бездетна, свесно ја жртвува својата среќа која не ја остварува со свршеникот Хемон – само за да ја зачува честа на семејството и до крај да ја искаже сестринската љубов и почит.
За неа тука завршува сѐ. И нејзините желби, и нејзините копнежи, и љубовта кон свршеникот, и заповедта на кралот. Ништо нема значење. Само зачувувањето на достоинството, свое и на братот. Непоколеблива е во одлуката дури и кога сестра ѝ Исмена смета дека е лудо да се жртвува животот за тоа, непоколеблива е и кога таа со ништо не сака да ѝ помогне. Напротив, ја разбира сестрината желба за живот и среќа.
              Антигона е еден од најцврстите и најпожртвувани карактери опишани во светската литература. Жена во сите нејзини особини, свесна за второстепената и подредена улога во општеството, но поцврста од маж во одлуките и подостоинствена од сите нив.

No comments:

Post a Comment